Во периодот од 11 до 17 јануари е забележано намалување на бројот на нови позитивни случаи и на процентот на позитивни од тестирани во споредба со претходната недела, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје. Во истиот период е забележано зголемување на бројот на оздравени лица за разлика од претходната недела.
Од 11 до 17 јануари биле тестирани вкупно 14.111 лица, со зголемување од 8,4 % во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 2.397 нови позитивни случаи од 34 града во државата со намалување од 3,0 % во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи е од Скопје.
Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 %, просечно 16 %, што претставува намалување од 3 % во споредба со минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години.
По добиени два негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.785 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29,7 % повеќе во споредба со минатата недела.
Во периодот на известување пријавени се 79 смртни случаи од 23 града, со зголемување од 6,8 % во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50 до 59 години, 3 лица на возраст од 40 до 49 години и едно лице од 30 до 39 години.