Се проверува начинот на кој Реџеп Мемеди раководи со Детската клиника по неколкуте смртни случаи на деца и бебиња изминативе месеци откако тој е директор. Министерот за здравство Арбен Таравари на прашањето дали ќе го смени директорот откога вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека имало пропусти во лекувањето на починатото седуммесечно бебе, одговори резервирано.

„Секако дека како Министерство за неколку директори веќе правиме евалуација за тоа како го водат клиниките, колку стручно и колку компетентно и според тоа и ќе одговориме. Не ни требаат емоции во именување и разрешување, ни требаат податоци. Да видиме и таму каде што има незадоволство, не се функционира како што треба, секако ќе се преземаат чекори. Ги евалуираме повеќето директори. Ни требаат повеќе индикатори, не сакаме емоционално да постапиме. Ни требаат сигурни докази таму каде што гледаме дека директорите не раководат баш како што треба да се заменат со подобри“, рече министерот Таравари.

Тој нагласи дека е забележливо незадоволство не само во Детската клиника туку и во клиниката во Козле. Ги прифатил незадоволните, разговарал со нив, но на разговор ја повикал и директорката за да може да донесе, како што нагласи, коректна и прагматична одлука.

Последниот смртен случај за кој вчера Санитарниот инспекторат утврди пропусти во лекувањето беше во неделата кога почина седуммесечно бебе за кое Детската клиника прво одбила хоспитализација, а откога му се влошила состојбата, два дена подоцна, го примиле на болничко лекување.

На почетокот на минатиот месец во истата клиника по две недели лекување од мозочен удар почина петгодишно девојче примено со силна главоболка.