Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира не само маркетите туку сите компании да го почитуваат Законот за нефер трговски практики и да не ја злоупотребуваат недоволната екипираност на некои институции кои не можат да направат контрола во одреден момент. Кога ќе им биде направена контролата, доколку се утврди непочитување на законите, Димитриеска-Кочоска вели дека ќе следат драконски казни.
„Можеби во овој период одредени државни институции заради лимити во капацитетите и така натаму не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите меѓутоа знаете дека кога станува збор за пари и финансиски трансакции, сѐ останува за вечно. Ние може да отидеме и после 12 месеци од денес и да направиме контроли и доколку утврдиме, ќе бидат казнети. Затоа апелирам до сите, не само трговските ланци, до сите компании во државата да се почитуваат законите. Ништо повеќе од тоа затоа што во некој момент која било од институциите ќе излезе на терен, ќе направи контрола, ќе се врати назад, ќе следат драконски казни“, рече министерката Димитриеска – Кочоска.
Таа потсети дека и од опозиција предупредувале дека инфлацијата кај нас повеќе е создадена од внатре отколку што е увезена и нагласи дека тој став не го сменила.
„Во континуитет повторувавме со години дека инфлацијата во Македонија повеќе е создадена внатре отколку што е увезена. Јас не сум друга личност, истата Гордана од пред една година. Истото го зборував и тогаш, истото го зборувам и денес. И што кажувам? Да се почитува законот за нефер трговски практики. Ништо повеќе од тоа. Истото ви го кажав и пред неколку месеци, таму некаде во септември, кога се спроведуваа одредени мерки од страна на Владата, истото го кажувам и сега“, вели министерката Димитриеска-Кочоска.
Инспекциите се во контрола и денес, а за резултатите од најавениот бојкот на маркетите, Управата за јавни приходи најави дополнителни информации.