Со транспаренти „И ние децата со посебни потреби сме граѓани“, „Нашите деца не се предмети, поддршка за децата со посебни потреби“ денеска пред Собранието, на протест излегоа негувателите на лицата со посебни потреби.
Околу 300 родители на деца со посебни потреби со различни дијагнози и од повеќе градови од Македонија денес одржаа протестен марш од Владата до Собранието со главно барање да се покачи месечниот посебен додаток до ниво на минимална плата и да изнесува 18.000 денари, наместо сегашните 5.200 денари.
Родителите бараат да се зголемат и додатоците за туѓа нега и за мобилност. Второ барање е да се намали границата за остварување на правото на мобилност од 26 на 18-годишна возраст, а трето барање е да се овозможи предвремено пензионирање на еден од родителите на дете со посебни потреби и тоа на 55-годишна возраст.