Три години и шест месеци затвор изрече денеска Основниот кривичен суд Скопје за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во случајот „Топлик“ кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште.

Покрај Јанакиески, осудителни пресуди добија и останатите петмина обвинети кои во врска со продажбата на земјиштето биле дел од Комисијата за јавни наддавања во Министерството за транспорт врски. Еден од останатите петмина обвинети, Томе Ѓурчиловски кој бил претседател на Комисијата, исто така, доби затворска казна во траење од 3 години затвор. Останатите четворица (Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска), пак, добија условни казни затвор од две годни кои нема да се извршат ако во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети во случајот се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а настанатата штета на буџетот е 64 206 839 денари.

Пресудата за случајот е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

Процесот го водеше судечки совет на чело со судијата Осман Шабани, каде како втор судија беше Огнен Ставрев. Застапник на обвинението, пак, е обвинителот Бурим Рустеми.