За внесувањето и употребата на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група ДНК, објави јавниот обвинител, Љупчо Коцевски.

„Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект“, рече обвинителот.

Одговорните лица во дискотеката кои се осомничени за пожарот во Кочани, и членовите на обезбедувањето, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства.

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 лица и три фирми за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Коцевски објави дека сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери.

Меѓу осомничените се сопствениците и управителите на клубот, управителка на фирма од Кочани која го изготвила проектот, поранешниот министер за еконмија Бектеши, службеник од Министерството за економија кој зел мито од сопственикот на клубот да за изготви лиценца. Потоа поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции. Осомничени се и поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца.

Осомнични се и тројцата градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување.