Досега таков сертификат не добиле двајца наши кандидати за воени и одбранбени претставници на Македонија во НАТО.
Експертите за пропустот со недоделените НАТО-сертификати велат дека мора да има одговорност. На сите им е јасно дека во НАТО проверките се многу подлабоки, сепак некој мора да каже каде се греши, особено сега, откако се дознава дека уште четворица високи офицери на АРМ не успеале да го поминат филтерот на НАТО. Некој мора да каже дали овој срам на новата членка во НАТО има врска со партизацијата и политизацијата на одбранбено-безбедносниот систем. Ова во Брисел очигледно не поминува.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МКД.мк велат дека процесот на проверка на персонал што има потреба да поседува НАТО безбедносен сертификат е редовен процес што се спроведува за секоја нова земја-членка на НАТО.
„Процесот се одвива преку соработка на националните авторитети и НАТО и тој е многу потемелен и поригорозен, споредено со времето кога бевме само кандидат за членство. Искуството покажува дека во секоја нова земја-членка има лица што добиваат, како и лица што не добиваат НАТО-сертификат. Кабинетот на претседателот нема да коментира за поединечни случаи за лица што добиваат или не НАТО-сертификати“, ни одговорија од кабинетот на македонскиот претседател.