Никица Корубин
“Треба да работиме за целосното спроведување на обврските на Северна Македонија кои се претпоставка за суштинскиот почеток на преговорите … Се разбира дека треба да се почитува и тоа што го постигна Северна Македонија и сметам дека е важно да се достигне закрепнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи посебно Бугарија” – (Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта)
Обврските кои државата одбива да ги исполни веќе 2 и половина години, “согласно” Копенхашките критериуми, кои меѓу другото велат: “способност за превземање на обврските од членството и придржување кон целите на унијата”; дури се и помалата енигма, од главната: зошто Северна Македонија ги влоши, а не ги подобри односите со Бугарија, после усвојувањето на преговарачката рамка од страна на ЕУ во 2022 година и формалното тргнување на ветото од страна на Бугарија?
Што го отвора главното прашање: дали за државата, односно за партиско/партократската елита, “соседите се добри”, само кога имаат поставено формално вето, за зачленување во ЕУ? Што по пат на логична претпоставка го дава заклучокот, дека “соседите се лоши” кога немаат поставено формална блокада во форма на вето за членство на државата во ЕУ?
“Советот потсетува на важноста од постигнувањето видливи резултати од имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително и на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговарачката рамка“ – (Советот за општи работи на Унијата)
Добрососедските односи, и тоа конкретно со Грција и Бугарија, во однос на “постигнување видливи резултати од имплементацијата со добра воља на билатералните договори” е критериум од преговарачката рамка, кој сега е само нагласен во заклучоците за Северна Македонија, исклучиво по наша вина, водени веројатно од “логиката” од почетокот на текстот.
И ако претходната влада и власт, суптилно и отворено работеше (преку чинење и не-чинење) на замрзнување (де-факто влошување) на односите со Бугарија; оваа влада и власт, го наследи и надгради трендот со Бугарија, и го активираше негативниот тренд кон Грција. Резултатот и последиците ги гледаме во заклучоците и изјавите на ЕУ.
Но, зошто Северна Македонија би имала лоши билатерални односи со Бугарија, од 2022 година, кога Бугарија со усвојувањето на преговарачката рамка, прво во нивниот парламент, а потоа и од страна на сите членки на ЕУ, преку советот на ЕУ; формално го тргна ветото за отпочнување на преговори со ЕУ?
Ако, до тогаш, сме имале право или причина, да бидеме воздржани и дистанцирани, која е точно причината од 2022 година до сега, да немаме добри, интензивни и пријателски односи со Бугарија? Но, и со Грција? За наш сопствен интерес, сегашност и иднина.
Зошто во овој период нашата влада и власт, не покани ниту еден висок претставник на Бугарија во официјална посета на Северна Македонија? Зарем тоа не е врвен показател за нашата посветеност на добрососедски односи и стратешко партнерство со првите соседи?
Колку прилози нашите медиуми направија од Софија или Атина, за политичките, економски или културни случувања таму? Колку бугарскиот и грчкиот секојдневен живот го приближија до македонските граѓани? Кои патем речено, приватно се повеќе присутни таму, отколку во наметнатиот наратив на нашата “јавност”.
Па, според тоа, максимата “нема вето нема односи”, таа “зависност од надворешни блокади”, веројатно го дава одговорот на прашањето зошто во моментов сме (само)блокирани. Затоа што нема веќе кој да не блокира. Затоа што никој и никогаш и немало да не блокира, доколку искрено и темелно, сме граделе добрососедски односи, според реалноста, а не “нашата” пост-југословенска имагинација.
Ако, причината (ветото) е тргнато, а односите се и понатаму замрзнати, тогаш ветото никогаш и не било причина, туку изговор за односите со Бугарија (и Грција). Кои за воља на вистината, политички, но не целосно и економски се држат во “контролирано замрзната ситуација”.
И сега кога нема вето, а немаме отпочнати преговори со ЕУ, поради неисполнување на превземените обврски (вклучително и Копнхашките критериуми ), конечно дојдовме до нас самите, односно до “нашите”.
Што точно сака нашата партиско/партократско елита со нас, граѓаните, општеството и државата? Сака вето? Нема вето. Сака надворешна блокада? Нема надворешна блокада. Сака изговор? Нема изговор. Што всушност сака и сакала, оваа и претходните власти за нас граѓаните и нашата држава?
Ние сакаме ЕУ. И по факти и по перцепција. А, вие нели го слушате “гласот на народот”. Барем на зборови. А, времето за зборови (и ветувања) одамна помина. Но, времето за исполнување на обврските, никогаш не поминува.