Десет дена по медиумските објави во кои се гледаат службени возила на вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи нешто пред полноќ паркирани пред трговскиот центар „Мавровка“, премиерот Христијан Мицкоски не знае дали таму биле на владин состанок. Тој денес кажа дека ќе ги праша на каков состанок биле со службените возила.

„Ние како Влада работиме до доцна навечер, и јас исто така. Сигурно биле на состанок во кој што имало потреба и поврзани работи со Владата, а доколку не биле тогаш треба да им се извинат на граѓаните. Ако ги користеле за приватни или партиски цели, да им се извинат на граѓаните затоа што ги трошат ресурсите на граѓаните. Но доколку имале состанок на тема поврзана со владините политики, тогаш во ред. Претпоставувам дека тие ќе го дадат одговорот, а и јас ќе ги прашам“, рече премиерот Мицксоки.

Екипа на „360степени.мк“ на 18 јуни објави дека ги фотографирала службените автомобили на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, и вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, паркирани на булеварот Крсте Петков – Мисирков пред трговскиот центар „Мавровка“ околу 23 часот, во близина на партиски штаб на „Вреди“, чии членови се обајцата.

Вицепремиерите се уште јавно не кажаа на каков состанок биле.

За да се избегне користењето службени возила за приватни и партиски цели, оваа Влада најави регистарски таблички во боја за да може секој граѓанин да ги разликува од приватните возила и да пријави сомнеж за злоупотреба, но најавата се уште не е реализирана./ Макфакс