Хуманитарниот конвој на Универзитетот за туризам и менаџмент вчера пристигнал во Истанбул, Турција и во текот на денешниот ден во координација со Амбасадата на Република Турција, хуманитарната помош била предадена на Агенцијата за управување со кризи на турското Министерство за внатрешни работи – АФАД.
Како што информираат од УТМС, хуманитарниот конвој за настраданите по земјотресот во Турција, се состои од храна, пијалаци и ќебиња со вредност од над 1,5 милиони денари.
-Конвојот на УТМС, високообразовна и општествено одговорна установа, вчера, на иницијатива на ректорот проф. д-р Аце Миленковски, се упати кон Турција. Дел од вработените од Универзитетот, а во име на целиот колектив и во име на студентите на УТМС, сесрдно се нафатија да ја испорачаат лично, хуманитарната помош што ја обезбеди Универзитетот за настраданите во земјотресот, а која се состои од храна, пијалаци и ќебиња со вредност од над 1,5 милиони денари. Посакаа, со своето директно присуство, да ја изразат својата солидарност со народот на Турција во овие тешки мигови за нацијата, посочуват од УТМС.
Колективот на УТМС и посакува брзо закрепнување на турската нација, изразувајќи надеж дека ваква катастрофа никогаш повеќе нема никому да се случи.
Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Турција овој месец се искачи на 43.556, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Сојлу за телевизијата ТРТ Хабер изјави дека по првиот земјотрес на 6 февруари следеле уште 7.930 последователни потреси.