Откако неодамна беше потпишан двегодишен договор со хрватскиот репрезентативец Жељко Муса (34), херојот на годинешното ЕП, шампионот на таа земја, ППД Загреб, би можел додатно да се засили за следната сезона.

Како што известува „vecernji.hr“, после четири феноменални години Иван Чупиќ (34) би можел да го напушти Вардар 1961, а како можна дестинација се спомнува токму хрватскиот првак предводен од тренерот Владо Шола, а на стручниот штаб со совети му помага екс тренерот на Металург и наш поранешен селектор, Лино Червар.

Чупиќ е еден од најдобрите крилни играчи во историјата на хрватскиот и европски ракомет, трикратен освојувач на Лигата на шампионите.

Беше од 2016 година еден од клучните играчи во најголемите успеси на скопскиот клуб кој по заминувањето на рускиот сопственик Сергеј Самсоненко финансиски повеќе не е моќен како порано и сѐ потешко ги подмирува обврските. Но, тоа се грижите на Вардар, пишува изворот.

Чупиќ веќе му се врати во хрватскиот ракомет оваа есен, повторно играјќи за својата репрезентација, а со своето искуство и класа би му бил многу корисен на ППД Загреб во напорите да постигне резултатски пресврт во Лигата на шампионите каде што од почетокот на новата сезона оваа екипа реди само порази, вкупно седум (0-7).

Дали миленикот на навивачите ќе го носи дресот на ППД Загреб за првпат во кариерата по Метковиќ, Медвешчак, Виго, Горење, Левен, Кјелце и Вардар или на крајот ќе се појави некоја друга дестинација, ќе покажат неделите пред нас.