Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска минатиот четврток ги објави резултатите од овогодинешниот конкурс за поттикнување на новинарската извонредност. Притоа, биле прифатени предложените серијали за текстови од 118 новинари, на кои ќе им бидат доделени вкупно 200.000 евра, објави порталотмаркетинг365.мк

Проектот за поттикнување на новинарската извонредност на Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска се спроведува веќе четврта година по ред, а за новинарските трудови избрани врз основа на јавен повик ќе се доделуваат од 1.600 до 3.350 евра.

Неповратните 200.000 евра биле доделени за новинарски трудови и истражувања на теми од јавен интерес од областа на културата, образованието, забавната индустрија, здравството, економијата, спортот, промоција на физичка култура и здравиот начин на живот. Меѓу нив ќе има текстови за локални теми, подготвеноста на Хрватска да се справи со кризни ситуации и природни катастрофи, како и текстови на тема екуменизмот и религијата, ранливите групи, човековите права и правата на малцинствата во општеството, положбата на жената во општеството и нивното зајакнување, односот на Хрватска кон нејзините граѓани во дијаспората, меѓународните односи и Европската унија и нејзините политики.

Дополнително, Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска објави Одлука за распределба на неповратни средства од Фондот за поттикнување на плурализмот и разновидноста на електронските медиуми за 2023 година, во вкупна вредност од 181.500 евра за профитните издавачи на електронски публикации.

На јавниот конкурс се пријавиле 23 издавачи на електронски публикации, а по анализата на нивните пријави, Агенцијата одлучила да им додели средства на 21 од нив.