Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но се прејде во навика таа земја „да се шутира“ кога и да му одговара тоа некому, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, откако официјална Софија ги осуди неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на земјата.
Хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац вчера е повикана на разговор во бугарското МНР поради изјавата на претседателот Милановиќ во која ја критикуваше „бугарската политика кон европската интеграција на Северна Македонија“.
-Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија доста висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа се повеќенационални заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример, рече денеска Милановиќ во одговор на новинарско прашање.
Потсети дека земјава, меѓудругото, го промени името на барање на Грција. – Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа оној услов кој навистина е влегување во интимниот простор, рече Милановиќ, додавајќи дека земјава е жртва на недостиг на интерес и основна емпатија.
-Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија, рече Милановиќ.
По налог на министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, вчера беше повикана на разговор хрватската амбасадорка во Софија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, таа била примена од генералниот директор за европски прашања, Румен Александров. Причина за разговорот е изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по Самитот на Словенија и Хрватска со земјите од Западен Балкан, одржан на 17 мај 2021 година во Брдо кај Крањ, во која тој ја нападна политиката на Бугарија кон евроинтеграција на С. Македонија.
Пред амбасадорката, Александров ја опишал изјавата на Милановиќ како неприфатлива и неоправдана, што, според него, е разочарувачко со оглед на одличниот билатерален дијалог меѓу Софија и Загреб и едногласноста на низа теми од европската и регионалната агенда, но и фактот дека соседите на регионот, Бугарија и Хрватска се природно поврзани со заедничкиот интерес за реформа, стабилизирање и наскоро интегрирање во ЕУ земјите од Западен Балкан.
Како одговор на барањето за појаснување на причината за изјавата на претседателот Милановиќ, амбасадорката Огњановац се обврза да му го пренесе на Загреб ставот изразен од Бугарија, истакнувајќи ја потребата од соработка меѓу Бугарија и Хрватска со цел да се обезбеди стабилност на регионот на Западен Балкан и нејзината европска перспектива.