Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман денеска изјави дека Хрватска сака загарантирано место во српскиот парламент за претставникот на хрватското малцинство.

– Не сме задоволни од положбата на хрватскиот народ во Србија, изјави Радман Грлиќ, еден ден откако хрватскиот претставник Томислав Жигманов од Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина не влезе во парламентот на изборите во Србија, пренесе агенцијата Хина.

Тој потсети дека Хрватска гарантира три пратенички места за српското малцинство, така што очекува еднакви права за хрватското малцинство во Србија. – Пратеничкото место на Хрватска треба да биде загарантирано, рече хрватскиот министер.

Запрашан за убедливата победа на Српската напредна партија на Александар Вучиќ, Грлиќ Радман оцени дека изборите „не ја олесниле политичката ситуација во Србија“ и дека Вучиќ се уште е соочен со многу прашања и проблеми што треба да ги реши.

Тој посочи дека Хрватска и Србија никогаш немале толку ниско ниво на соработка и оцени дека причината е неподготвеноста на властите во Србија да се соочат со минатото и да преземат чекори кон зајакнување на добрососедските односи.

Хрватскиот министер изрази надеж дека по формирањето на новата влада ќе се сретне со својот колега од Србија за да види како да ги решат проблемите, пред се оние од војната за независност на Хрватска.