Селекцијата на Хрватска во супер интересен меч го совлада Мароко со 2:1 во битката за третото место и втор пат во историјата ја освои бронзата. Хрватите поведоа по 7 минути игра со голот на Гвардиол, но две минути подоцна Мароко израмни со голот на Дари.

Во 42-та минута Оршиќ постигна прекрасен гол за 2:1, што се покажа како конечен резултат и покрај шансите кои двете селекции ги имаа до крајот на мечот.

Ова е секако голем успех за Хрватска, која во 2018-та на СП во Русија играше финале, но беше поразена од Франција и во 1998-ма година го освои бронзениот медал. Мароко и покрај поразот, ќе влезе во историјата на Светските првенства како африканска земја која го постигнала најголемиот успех на Мундијалите.

Утре во 16 часот се игра големото финале помеѓу Аргентина и Франција.