Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потврди дека Владата водела првични разговори со руската страна за набавка на вакцината Спутник V.
– Aко таа вакцина добие одобрение од Европската агенција за лекови (ЕМА), ние сакаме да бидеме во позиција да го пополниме сегашниот недостиг на вакцини, изјави синоќа Пленковиќ, јави Хина.
Оценувајќи дека има многу „какофонија“ во медиумите во врска со руската вакцина, премиерот потенцираше дека хрватската Влада работи во последните месеци за да обезбеди доволни количини за целото население, што, потсети, е негова одговорност.
– Хрватска е членка на Европската унија, постапката за заштита на здравјето на нашите сограѓани е дополнително зајакната со фактот дека сите лекови и вакцини што доаѓаат на нашиот пазар ги минуваат филтрите и контролите на Европската агенција за лекови, и на хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД), изјави Пленковиќ.