Европскиот суд за човекови права соопшти дека Словенија не може да ја тужи Хрватска во име на Љубљанска банка за повреда на човековите права и се прогласи ненадлежен во врска со тужбата, чија вредност изнесува речиси 430 милиони евра.
Меѓународниот суд ги прифати хрватските аргументи и зазеде став дека Љубљанска банка не е невладина организација, туку е тесно поврзана со државата, па затоа Словенија не може во нејзино име да тужи за повреда на човековите права загарантирани со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.
Словенија го започна спорот во 2016 година, повикувајќи се на повреда на неколку права од Конвенцијата поради начинот на кој хрватските судски и извршни власти постапиле во врска со побарувањата на Љубљанска банка кон хрватските трговски друштва.
Хрватска тврдеше дека Европскиот суд за човекови права не е надлежен за одлучување по тоа барање, бидејќи Љубљанска банка е владина организација во сопственост на Република Словенија и под управа на словенечкиот Фонд за сукцесија.
Љубљанска банка поради остварување наплата на неплатени и доспеани побарувања од кредити и гаранции пред хрватските судови од 1991 година, покрена повеќе парнични постапки против хрватски трговски друштва кои повеќето работеле во земјоделскиот и прехранбениот сектор.
Наплата на побарувањата на Љубљанска банка во повеќето случаи била невозможна, бидејќи должниците банкротирале или веќе не постојат.
Одлуката на Европскиот суд за човекови права е конечна и Словенија веќе не може да покренува нови постапки пред овој суд врз основа на истите факти.