Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, за жал го изгуби кредибилитетот, кажал експертот за правни прашања Бранко Хрватин, чиј тим ја заврши оценската мисија на Судскиот совет на Северна Македонија, на средбата со вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска. Тој нагласи дека мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.

Хрватскиот врховен судија ја раководеше оценската мисија на ЕУ, што се реализираше изминатава недела, по што се очекува да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет.

Како што соопшти владината прес-служба, Грковска изрази благодарност до Хрватин за сиот ангажман што тој и неговиот тим го вложија во детектирање на слабостите во работата на Судскиот совет, но и за препораките што ќе бидат доставени, а кои за нашата држава ќе бидат основа за натамошни реформи.

Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција, стои во владиното соопштение.

Правниот експерт Хрватин истакна дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува процесот на подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.