Претседателот на Комисијата за култура, Кастриот Реџепи и Претседателот на Собранието Талат Џафери, по којзнае кој пат покажуваат крајно непочитување на државата Република Македонија и на сите оние кои дале свој придонес во нејзиното создавање, градење и афирмирање низ вековите, вели Даниела Христова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што тврди таа, согласно Одлуката за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија, значајните настани и истакнати личности што ќе се одбележуваат секоја година се утврдуваат со Програма за одбележување на годишнини на значајни настани и истакнати личности.
Но, вели Христова, за жал, од 2018 година оваа Одлука не се почитува и Собранието на Република Македонија не ја објавува Програмата. Програмата за одбележување на јубилејни годишнини никогаш не се ставила на дневен ред на пленарна седница на Собранието. Ова е срамно, неодговорно и антидржавно однесување.
-Оваа година, кога се прославува една од најголемите јубилејни годишнини за државата и македонската нација, 150 годишнината од раѓањето на македонскиот идеолог Ѓорѓи Делчев, Комисијата за култура, чиј престедател е Кастриот Реџепи, воопшто не ја ни започна постапката, која по правило, својата работа треба да ја заврши најдоцна до крајот на годината за Програмата за наредната година. Институциите воопшто не добија допис од Собранието да ги испратат своите предлози за јубилејни годишнини.
Оправдувањата на престедателот на Комисијата за култура дека причината за несвикувањето на Комисијата е минатогодишниот есенски изборен процес се нелогични, бидејќи не станува збор за Закон или друг вид на пропис, туку за Програма која не е поврзана со никакви изборни процеси. Докол ку имаше искрена желба и одговорност, Комисијата слободно можеше да се свика и процедурата можеше да започне од септември.
Многу важно да се напомене е и тоа што во годината кога се одбележуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, Собранието не само што не ја објави Програмата на време, туку и упорно бара да се повлече поднесената Декларација за одебележување на јубилејот на Гоце Делчев, со која всушност се бара почитување на Одлуката за одбележување на јубилејни годишнини, односно се определеуваат и задолжуваат институциите соодветно да го одбележат овој значаен јубилеј.
Ваквата стратегија диригирана од СДСМ/ДУИ значи уште една потврда за обид на бришење на македонската институционална меморија со интенција за девалвирање на значењето на личностите и настаните кои претставуваат есенцијален дел од македонската колективна меморија и се носители на македонскиот национален идентитет.
Оттука, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од власта и владејачкото мнозинство на прашањето, дали има интенција овие личности понатаму да бидат избришани и од учебниците, од институциите, па и од архивите на државата?
Ова што го говорам денес на оваа прес конференција се потврдува преку повеќе примери и тоа:
– недоделувањето на Државните награди „23 Октомври“ и „Гоце Делчев“,
– необјавувањето на Програмата за јубилејни годишнини и за минатата година кога се одбележуваа јубилеите како 100 г. од раѓањето на Блаже Конески,
– 150 години од раѓањето на Дамјан Груев,
– 30 години државност на Републиката/30 години повеќепартиско Собрание, и уште многу други јубилеи.
Очигледно, благодарение на погубната политика на партнерите СДСМ и ДУИ, Република Македонија е целосно на колена, уништена, разорена и видоизменета до степен на непрепознатливост.
Затоа, почитувани граѓани на Република Македонија, за да си го зачуваме достоинството и да ја заштитиме нашата колективна и институционална меморија, оваа власт која што 5 години со забрзано темпо и безмилосно уништува се’ што е македонско, мора конечно да замине во историјата преку брзи предвремени парламентарни избори. Мора да се стави крај на самоволието на власта предводена од СДСМ/ДУИ, чија единствена цел е уништување на македонскиот идентитет и македонските национални вредности, вели Христова.