Бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев, по кој Руската федерација издаде потерница, изјави во интервју за бугарскиот дневен весник „Сега“ дека попладнево добил покана да биде сослушан од собраниската комисија за контрола на службите во бугарското Народно собрание. Поканата е за утре, 5 јануари, кога комисијата ќе одржи редовна седница.
Пратениците од „Демократска Бугарија“ Ивајло Мирчев и Атанас Атанасов на 31 декември побарале Грозев да биде сослушан од комисијата. Нивното барање било сослушувањето да се одржи во четврток на 5 јануари кога вообичаено заседава комисијата. Тие инсистираат доколку за утре не се закаже редовна седница, да се свика вонредна.
Од весникот Сега велат дека според нивна проверка седница ќе има, но сослушувањето на новинарот Грозев не е ставено на дневен ред. Со комисијата до денеска претседаваше Даниел Митов од ГЕРБ. Од денеска на чело на комисијата на ротационен принцип доаѓа поранешниот министер за внатрешни работи Бојко Рашков, кој е пратеник од партијата „Продолжуваме со промената“.
Мирчев и Атанасов предлагаат на седницата на комисијата да бидат поканети вршителот на должноста министер за надворешни работи Николај Милков и претставници на безбедносните служби. Причина за барањето за сослушување на новинарот Грозев е дека „издавањето потерница за бугарски државјанин од држава спонзор на тероризам, според резолуција на Европскиот парламент, претставува закана за националната безбедност“, наведуваат Мирчев и Атанасов во нивното писмо до Даниел Митов и до Бојко Рашков.
Мирчев и Атанасов повторно поднеле барање до Рашков Грозев да биде вклучен во дневниот ред на утрешната седница или да се свика посебна вонредна седница на оваа тема. Рашков за „Сега“ посочил дека се прави се за Грозев да биде сослушан утре или најдоцна во петок на вонреден состанок на комисијата.
„Идејата е ова да се направи како дел од предлогот на Продолжуваме со промената, Владата да биде обврзана да ги собере сите информации за случајот „Грозев“, вели Рашков за „Сега“.
Поранешниот министер за внатрешни работи очекува Грозев да ги информира пратениците што знае, што претпоставува и од што стравува.
МВР се уште чека одговори од Русија
Руското МВР се уште не одговорило на бугарското официјално прашање зошто точно се бара Грозев. Ова за „Сега“ го велат од МВР. На 29 декември, откако беше повикана во МНР, руската амбасадорка Елеонора Митрофанова препорача Министерството за внатрешни работи да ги праша руските власти за што точно се бара Грозев. МВР веднаш соопшти дека тоа ќе го стори. Очигледно, сепак, една недела не е доволно време Москва да одговори.
Извор: Трибуна