Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е Џелал Хоџиќ, аналитичар, публицист и претседател на Странката за демократска акција на Македонија.
Зборувајќи за меѓуетничките односи во земјата по промената на власта, Хоџиќ забележува дека нема активни политики на надлежните институции за унапредување на правата на помалкубројните заедници. Според него, не е подобрена правичната застапеност, нема мерки за создавање на кадар кој ќе предава на јазиците на помалкубројните заедници, нема политика за инклузија на младите од помалкубројните заедници, со што и иселувањето ги погодува нив повеќе од мнозинските заедници.
Хоџиќ смета дека со непроцесирањето на европскиот предлог за уставните измени, државата се блокира самата себеси во евроинтегративниот процес, без притоа да се даде сериозна аргументација.
„Јас не гледам никаква опасност од интеграцијата на останатите помалубројни заедници во Уставот на Република Северна Македонија. Напротив, ќе се добие дополнителен импулс за развој на општеството, во културна, економска и политичка сфера, зашто повеќе граѓани се вклучуваат во придобивките и никој не останува на маргините“, исткнува тој.
Хоџиќ смета дека политиките на уназадување на правата на немнозинските заедници придонесуваат и за намалување на процесите на внатрешна демократизација на самите заедници, при што поделбите меѓу заедниците се прошируваат и на поделби по разни други основи, верски, родови, и дека во таква ситуација немањето повеќе шанси за заедниците ги намалува и шансите за успех и вклученост и на поранливите категории во самите заедници, како жените и граѓаните од руралните средини и перифериите.
Анализирајќи ги изборите во САД, Хоџиќ го коментира односот на дел од политичките сили во регионот кон случувањата.
„Сите авторитарни лидери, сите политички партии кои имаат недостаток на однос кон демократските вредности, посебно тука на Западниот Балкан и околината навиваа за Трамп и неговата реторика, надевајќи се дека тие вредности и општествениот поредок ќе бидат сериозно нарушени…Но, таа нивна математика на пазарот нема да излезе, зашто САД се организиран систем кој има јасни столбови и претседателот не може да ги наметне своите ставови и својата волја врз правилата и врз целите кои таа држава ги има“, смета Хоџиќ.
Коментирајќи ги односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, Хоџиќ се залага за нивно затоплување, но смета дека оние политички партии и поединци кои некритички го прифаќаат влијанието на Путин и Русија активно работат меѓудржавните односи да останат студени.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.