Голем број актери се обидуваат да снимаат додека тоа им го дозволува здравјето, но некои и покрај парите и славата што им ги носат филмовите, во еден миг носат одлука да се пензионираат.

Во последниве години бевме сведоци на враќањето на Џо Пеши од актерската пензија, но освен него има уште неколку ѕвезди што би било убаво повторно да ги видиме на големиот екран.

epa-efe
EPA-EFE/JALAL MORCHIDI

Роберт Редфорд беше една од најголемите холивудски ѕвезди, кој се појавуваше во класици од „Буч Кесиди и Санденс кид“ до „Сите луѓе на претседателот“. Тој дури и режираше и долго време беше поборник за независните филмови, а во 1984 година го основаше и филмскиот фестивал „Санденс“. Во 2018 година го најави своето пензионирање со филмот „Старецот и пиштолот“, во кој глуми остарен ограбувач на банка. За таа улога беше номиниран за Златен глобус, а филмот доби голем број позитивни критики. Но, подоцна се појави уште еднаш, во филмот „Одмаздници: завршница“ од 2019 година, каде што накратко ја репризираше својата улога од филмот „Капетан Америка: зимскиот воин“.

epa-efe
EPA PHOTO/EPA/Brendan McDermid

Бриџит Фонда во 90-тите години со филмовите „Пат без враќање“, „Бакнеж на змејот“, „Џеки Браун“, беше актерка во подем што многу ветува. Но, нејзината ѕвездена слава почна да бледее особено откако ја одби улогата на Али Мекбил во истоимената серија. Последното актерско остварување ѝ беше во телевизиската мини-серија „Снежната кралица“ во 2002 година, а следната година се омажи за композиторот на филмска музика Дени Елфман и се повлече од актерството за да му се посвети на семејството.

epa-efe
EPA/PAUL BUCK

Фиби Кејтс глумеше во класици како „Златната доба во Риџмонт“, „Гремлини“, „Специјален пријател“ и потоа во 1994 година на 31 година се повлече од актерството. Се омажи за актерот Кевин Клајн и се посвети на одгледувањето деца. На актерството кратко му се врати во 2001 година со филмот „Годишнина“, а оттогаш имаше само една улога, репризната во „Гремлини“ за видеоиграта „Лего димензии“. Освен на децата, таа му се посвети и на бутикот „Сино дрво“.

Рик Моранис стана икона на филмовите „Истерувачи на духови“ и „Вселенски топки“, но по смртта на сопругата во 1991 година почна да снима сè помалку филмови за да им се посвети на децата. Како самохран родител открива дека е многу тешко сам да одгледуваш деца и да одиш на патувања, кои се составен дел од снимањето филмови. „Си земав кратка пауза, која се претвори во долга, а потоа сфатив дека тоа навистина не ми недостига“, објасни Моранис. Неодамна потпиша договор за „Смален“, продолжувањето на франшизата „Драга, ги смалив децата“, што ќе му биде прва улога од 1997 година.

EPA EFE
EPA/PETER FOLEY

Камерон Дијаз се појави во филмот „Маска“ пред да ги сними „Сите се луди по Мери“ и „Да се биде Џон Малковиќ“. Нижеше успеси до 2014 година кога неочекувано реши да се повлече од актерството по излегување на мјузиклот „Ени“. Својата актерска пензија ја потврди во 2017 година со изјавата дека ѝ здодеало да патува за снимање филмови. Потоа објави неколку книги на тема здравје. Најновата е посветена на прашањето за долговечноста.

epa-efe
EPA/PAUL BUCK

Даниел Деј-Луис критичарите го сметаат за еден од најголемите светски актери. Сите негови изведби се пофалени, а тоа е делумно затоа што е многу селективен кога се во прашање филмовите во кои глуми. Всушност, тој има снимено малку филмови, но неговата актерска игра е неверојатна. Накратко се повлече во 1998 година кога почна да се занимава со обработка на дрво и да изучува изработка на чевли. На актерството му се врати со филмот „Бандите на Њујорк“, а во 2017 година го најави пензионирањето со филмот „Фантомска нишка“. Но, публиката не губи надеж дека пак ќе го види.

Profimedia
Profimedia

Џек Николсон исто така се смета за едно од најголемите светски актерски имиња, а иако можеби глумел во повеќе класици отколку кој било друг, од 2010 година нема снимено ниту еден филм. Последна беше споредната улога во „Како знаеш“ , филм што го сними за услуга на режисерот Џејмс Л. Брукс, откако отпадна Бил Муреј. Играјќи во неговиот филм од 1997 година „Подобро не може“ , Николсон доби Оскар за најдобар актер. Николсон сè уште се појавува на кошаркарски натпревари од „ЛА Лејкерс“, но кружат гласини за неговата нарушена ментална способност, поради која не може да запомни текст и која наводно е причината што тој се пензионирал.