Холандскиот премиер Марк Руте го увери Киев за континуираната поддршка од неговата земја, придружувајќи им се на другите европски лидери во одбележувањето на втората годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина.

– Не сте сами. Ние сме зад вас, рече Руте во видео-порака објавена на X.

Тој рече дека конфликтот не е само битка за Украина.

– Се работи и за нашата сопствена безбедност. Затоа што ако (рускиот претседател Владимир) Путин успее во Украина, тој нема да застане тука, нагласи Руте кој важи за фаворит за наследник на Јенс Столтенберг, кој ја напушта функцијата генерален секретар на НАТО во октомври.

И холандскиот крал Вилем-Александар и кралицата Максима ја потврдија својата поддршка за Украина. Тие во порака ја поздравија „големата непоколебливост и храброст“ на украинскиот народ пред руската агресија.

– Остануваме обединети во нашата поддршка на украинските мажи и жени кои се борат за слобода, демократија и правда. Нивната посветеност е пример и инспирација за сите нас, нагласија холандскиот крал и кралица.