Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп вели дека Северна Македонија повеќе треба да работи на внатрешните реформи и борбата против корупцијата отколку да го драматаизра спорот со Бугарија.
„Треба да се запомни дека многу други држави мораа да решат тешки билатерални прашања пред да станат членки на ЕУ. Во меѓувреме, сето ова не треба да се драматизира на начин на кој се чини дека се прави во моментов“, вели амбасадорот Јан Коп, во интервју за сдк.мк.
Тој тврди дека Бугарија нема поддршка од другите членки на ЕУ во преговарачката рамка да се додадат прашања од билатерална природа.
Според него, во текот на преговорите за членство земјата ќе помине низ 35 преговарачки поглавја и на секое поглавје ќе треба да се добие согласност од сите членики на ЕУ.
„Мојата порака би била да не се придава премногу значење на секој поединечен семафор, туку да се продолжи со реформите. Крајната цел не е да се помине бугарскиот застој на овој семафор, туку членството во ЕУ на крајот на патот“, истакнува Јан Коп.
Холандскиот амбасадор смета дека корупцијата во Северна Македонија е состојба на умот на целото општество, од корупција во во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп на доктори и наставници.
„Тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност“, порачува Јан Коп.