Екс министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, кој поднесе оставка од функцијата откако не успеа иницијативата за рушење на Владата, а каде свои потписи дадоа неговите сопартијци, пратеници од Беса, е фотографиран како седи на кафе со поранешен висок функционер од ДУИ, Муса Џафери. Веднаш по социјалните мрежи почнаа шпекулации за можни нови политички прегрупирања.

На социјалните мрежи се огласи и самиот Хоџа кој порача дека средбата не била тајна, туку седеле на јавно место, а тој како поранешен министер и како политичари се среќава со голем број на луѓе. Според него многу поважно е кој го следи и кој го фотографира.

-Како активна личност во политиката имам стотина средби со луѓе кои сакаат да разговараат за актуелните политички прашања. Прашањето што се поставува е: кои се луѓето кои го следат секој мој потег и дали ова е мониторинг со институционални инструкции и како безбедносните органи го оправдуваат нарушувањето на приватноста на еден министер во оставка од актуелната Влада. Ако растот на движењето Беса на некого им пречи, тоа е проблем на оние кои ја имаат оваа грижа, а не наш“, вели Хоџа во одговорот на својот фејсбук-профил.