Средношколскиот сојуз вели дека второто полугодие од школската година се уште не е започнато за најголем дел од матурантите, откако не им беа остварени барањата да полагаат два наместо четири предмети од државната матура. Сојузот на средношколци најави дека бојкотот, кој почна во четвртокот, ќе продолжи и денеска.
„Во четвртокот (21 јануари) бојкотираа 78 отсто од матурантите, а во петокот (22 јануари) 71 отсто. Бојкотот на наставата продолжува и во понеделник. Ги повикуваме сите матуранти да се придружат кон отпорот. Нашите барања се разумни и поддржани со меѓународни примери – нема да се откажаме додека не ги оствариме!“, соопшти Сојузот на средношколци.
Утрово, лидерот на сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, во изјава за Слободен печат посочи неколку градови во кои матурантите целосно ја бојкотираат наставата.
Сега засега имаме информации само од Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Прилеп и Битола дека матурантите бојкотираат целосно. Скопје делумно, а Велес не бојкотира – вели Ходаи.