Причината за хистеријата во јавноста не е заради внесување на Бугарите во уставот, туку отпор кон отпочнување преговори со Европската Унија, тврди политичкиот аналитичар Никица Корубин, во интервју за телевизија Шења и порталот зоом.мк и додава дека во сите партии има струи кои се против членството на Северна Македонија во ЕУ.
„Отпор кон членство во ЕУ нема само во партиите, туку и во медиумите, експертите и невладиниот сектор, кои имаат ефективна моќ да влијаат на јавното мислење на граѓаните. Медиумите имаат одговорност да ги информираат граѓаните, а не да пренесат секаква глупост“, смета Корубин.
Таа верува дека внесувањето на Бугарите во уставот е последната шанса да се попречи евроинтеграцијата на земјата во ЕУ и политичкиот естаблишмент ја злоупотребува вечната тема за заштита на идентитетот за да ги плаши луѓето.
„Играте на чувствата на луѓето откако комплетно сте ги оневозможиле од информациите кои треба да ги имаат. Нашата јавност е целосно неинформирано, таа нема клучни информации за настани, внатре и во регионот, а државата дозволува да се шират дезинформации во етерот“, тврди Корубин.
Според неа, кога претседателот на државата бара реципроцитет во односите со Бугарија, да влезат Бугарите во Уставот ако влезат Македонците во бугарскиот устав, тоа практично е прекршување на уставот и напуштање на Преспанскиот договор, со кои преземавме обврска да не се мешаме во работите на соседните држави.
„Одговорните што ја воделе државата 30 години не лажеле, ни украле 25 години од животот. Тоа што требало да се направи во 1995 година, го направивме во 2018. Сега некој сака да купи уште 25 години. Не, околностите се многу сменети и во Европа и во светот“, истакнува Корубин.
Зборувајќи за евроскептицизмот во јавноста, Корубин смета дека тоа го шират и власта и опозицијата, како и невладиниот сектор, велејќи дека ништо не чини, дека од ова државата не бива, дека е неодржлив проект, при тоа не кажуваат како да профункционира системот.
Р.З.