Либанската група Хезболах денеска потврди дека нејзиниот висок лидер Хашем Сафиедин бил убиен во израелски воздушен напад во јужен Бејрут пред речиси три недели.

Сафиедин, кој беше шеф на највисокото политичко тело за одлучување на Хезболах, Извршниот совет, се очекуваше да биде избран за следен водач на групата по смртта на генералниот секретар Хасан Насрала во израелски воздушен напад минатиот месец.

Хезболах го опиша Сафиедин како посветен водач во групата. Тие ветија дека ќе го продолжат „патот на отпорот“ додека не ги постигнат своите цели за „слобода и победа“.

Израел вчера соопшти дека Сафиедин бил убиен во воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут пред околу три недели. Израел започна голема воздушна кампања во Либан од минатиот месец против, како што вели, цели на Хезболах во ескалацијата по една година прекугранична војна меѓу Израел и групата од почетокот на бруталната израелска офанзива на Појасот Газа.

Најмалку 2.546 луѓе загинаа, а повеќе од 11.860 се повредени во Либан во судирите меѓу Израел и Хезболах, кои траат од октомври минатата година. Израел дополнително ја ескалира војната со копнени и воздушни напади врз Либан од 1 октомври.