Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.

Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.

„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.

Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.

Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.