Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази сериозна загриженост и остро го осуди националистичкото и политизирано скандирање кое беше присутно на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Шкендија и Карабах, одигран на 5 август на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

И покрај бројните апели од јавноста и надлежните институции за фер и спортско однесување, од трибините одекнуваа повици како „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“. Хелсиншкиот комитет оценува дека ваквите пораки се далеку од спортски дух, придонесуваат за продлабочување на меѓуетничките поделби и имаат потенцијал да поттикнат дела од омраза.

Особено алармантно, според Комитетот, е тоа што овие пораки не доаѓаа исклучиво од организираната навивачка група „Балисти“, туку и од пошироката публика – и тоа во присуство на високи државни функционери. Присутни на натпреварот биле највисоки политички претставници на албанскиот политички блок, вклучувајќи ги претседателот на Собранието, вицепремиерот, министри и лидери на партии. Ниту еден од нив не реагирал на скандирањата, ниту за време, ниту по натпреварот.

Дополнителна загриженост предизвика изјавата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој по натпреварот изјави дека не ги слушнал повиците, но истовремено јавно им честиташе на навивачите, нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“. Хелсиншкиот комитет предупредува дека вакви контрадикторни пораки од високи функционери испраќаат опасен сигнал дека говорот на омраза е дозволив, толерантен или дури и охрабрен, доколку доаѓа од „својата“ етничка или политичка група.

„Осудата на говорот на омраза од страна на политичарите е еден од клучните фактори за негово сузбивање. Говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза и има потенцијал да прерасне во насилство. Политичката неказнивост и молкот се опасни“, предупредуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму апелираат до Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции итно да постапат и да ги применат најавените мерки за санкционирање на вакви инциденти. Комитетот посочува дека селективната примена на законите, зависно од етничката или политичката припадност на сторителите, е недозволива и сериозно ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.

„Спортските натпревари мора да бидат простор на фер игра, меѓусебно почитување и градење соживот. На националистички пораки и говор на омраза не им е местото ниту на трибините, ниту во јавниот дискурс“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.