Tуристички хеликоптер со три лица исчезна вчера во близина на планината Асо, еден од најактивните вулкани во Јапонија. Авионот полетал од зоолошката градина во градот Асо на десетминутен панорамски лет, но не се вратил во закажаното време, пишува Би-Би-Си.

Според локалните извештаи што се повикуваат на полицијата, хеликоптерот полетал во 10:52 часот по локално време. Во него се наоѓал 64-годишен пилот со 40 години искуство и двајца патници, маж и жена од Тајван. Околу 16 часот, полициски хеликоптер забележал објект што личел на авион во кратерот Накадаке, еден од петте врвови на планината Асо.

Властите сè уште не потврдиле дали станува збор за исчезнатиот хеликоптер. Операциите за пребарување беа прекинати вчера вечерта поради облачно време над областа Накадаке и продолжија утрово.

Исчезнатиот хеликоптер е американски Робинсон Р44, и тоа беше неговиот трет туристички лет тој ден. Според операторот на хеликоптерот, „Такуми Ентерпрајз“, не се пријавени проблеми на претходните два лета. Компанијата ги приземји сите свои хеликоптери по инцидентот.

Во 2024 година, туристички хеликоптер на истата компанија што летал над планината Асо извршил принудно слетување, при што повредил три лица. Турите со хеликоптер над вулканските предели на планината Асо се меѓу главните туристички атракции на префектурата Кумамото во југозападна Јапонија. Планината Асо последен пат еруптираше во октомври 2021 година, испраќајќи огромен облак од чад на небото.

Текстот Хеликоптер со двајца туристи исчезна во близина на јапонскиот вулкан е превземен од МАКФАКС.