epaselect epa10396368 Riot police uses water cannons against protesters at the Planalto presidential palace, the seat of the Brazilian Government stormed by Bolsonaro supporters in Brasilia, Brazil, 08 January 2023. Hundreds of supporters of former Brazilian President Jair Bolsonaro invaded the headquarters of the National Congress, and also Supreme Court and the Planalto Palace, seat of the Presidency of the Republic, in a demonstration calling for a military intervention to overthrow President Luiz Inacio Lula da Silva. The crowd broke through the cordons of security forces and forced their way to the roof of the buildings of the Chamber of Deputies and the Senate, and some entered inside the legislative headquarters. EPA-EFE/ANDRE BORGES

Поддржувачите на екстремно десничарскиот поранешен претседател на Бразил, Жаир Болсонаро упаднаа вчера во Конгресот, претседателската палата и Врховниот суд во бразилската престолнина, како мрачен потсетник на инвазијата на американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Доналд Трамп пред две години.

Левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го победи Болсонаро на изборите во октомври, најави „федерална безбедносна интервенција“ во Бразилија која ќе трае до 31 јануари, откако демонстрантите успеаја да ги совладаат безбедносните сили. Околу три часа по првичните извештаи за упадот на демонстрантите, безбедносните сили успеаја повторно да заземат три од најважните згради во главниот град.

Лула, кој беше инаугуриран на 1 јануари, го обвини Болсонаро за разгорување на неговите приврзаници по кампањата со неосновани тврдења за потенцијална изборна измама по крајот на неговото владеење обележано со националистички популизам.

Сојузниците на претседателот, исто така, покренаа прашања за тоа како безбедносните сили во бразилскиот главен град беа толку неподготвени и толку лесно совладани од бунтовниците кои со денови најавуваа протести за викендот на социјалните мрежи.

„Тие вандали, кои би можеле да ги наречеме… фанатични фашисти, направија нешто што никогаш не било направено во историјата на оваа земја“, рече Лула на прес-конференција за време на официјалната посета на државата Сао Паоло. Сите луѓе кои го направиле тоа „ќе бидат пронајдени и ќе бидат казнети“, рече тој.

Поддржувачите на Болсонаро оставија трага од уништување пред себе, фрлајќи мебел низ скршените прозорци на претседателската палата, поплавувајќи делови од Конгресот со системи за заштита од пожари и уништувајќи свечени простории во Врховниот суд.

Упадот на илјадници демонстранти облечени во жолто-зелено во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата во главниот град Бразилија е кулминација на повеќемесечната тензија по гласањето во Бразил на 30 октомври.

Болсонаро, сојузник на Трамп, кој допрва треба експлицитно да го признае поразот, го изнесе лажното тврдење дека бразилскиот електронски систем за гласање е склон кон измами, што предизвика насилно движење за негирање на изборните резултати.

И партијата на поранешниот претседател ги осуди постапките на неговите приврзаници, јави ДПА.

„Денес е тажен ден за бразилската нација. Денешните настани во Бразил се срам за сите нас, тие не ја претставуваат нашата партија, тие не го претставуваат Болсонаро“, изјави лидерот на Либералната партија, Валдемар Кошта Нето.

Болсонаро на Твитер напиша и дека „нападите и уништувањето јавни објекти“ е во спротивно со правото на мирен протест.

Во меѓувреме, гувернерот на Федералниот округ на Бразил, Ибањез Роша, е привремено сменет од функцијата од страна на Врховниот федерален суд на земјата. Тој е суспендиран на „најмалку 90 дена“ поради „злонамерно непостапување“.

„Ништо не може да го оправда неделувањето и толеранцијата на шефот на службата за јавна безбедност и гувернерот на федералниот округ кон криминалците кои претходно ја објавија својата намера да извршат насилни дејствија против властите“, се вели во судската одлука.

Судот, исто така, нареди дека камповите во близина на воените бази поставени од поддржувачите на Болсонаро кои повикуваат на државен удар мора да бидат отстранети во рок од 24 часа и дека патиштата и зградите мора да се деблокираат.

Лула донесе одлука за „полициска интервенција“ со вклучување полициски сили од целата земја за враќање на контролата и безбедноста во главниот град.

Американските и француските власти го осудија упадот на приврзаниците на екстремната десница во државните институции во Бразил.