Во текот на претседателската кампања и ден пред преселбата во Вашингтон, Џо Бајден знаеше да го оплакува својот прерано починат син Бо, момчето со ветувачка иднина. Вториот син Хантер не го ни споменуваше, а истото наводно не им е дозволено ниту на неговите блиски соработници.
Единствен што сака за него да зборува е поранешниот американски претседател Доналд Трамп бидејќи црната овца во семејството Бајден ја користеше за да го дискредитира својот опонент Џо.
Во текот на кампањата Доналд Трамп не пропушташе да праша каде е Хантер и пушти двеминутен оглас под назив „Џо нема да се заложи за нас“, во кој ги повтори обвинувањата дека Хантер ја злоупотребил положбата на татко му, потпретседател на администрацијата на Обама за да зграби милиони од сомнителни бизниси со Кина и Украина. Овие тврдења Хантер жестоко ги негираше. Но, не се само овие обвинувања причина што го нарекуваат црна овца во семејството.
Спротивности со библиски размери
Долгогодишните следбеници на Џо Бајден за животните приказни на Хантер и онаа на неговиот „совршен“ постар брат зборуваат дека се спротивности со библиски размери.
– Хантер го обожува својот татко, а го обожуваше и постариот брат Бо, кој почина од рак на мозокот во 2015 година. Мора да имате челично срце да не сочувствувате со него. Луѓето го почитуваат татко му бидејќи е чесен човек, а Бо беше воен херој, кој не направи ништо лошо и во кој сите гледаа иден претседател. Џо и денес зборува за него дека бил негова подобра верзија. Наспроти тоа го имате Хантер, кој никогаш не ги исполни своите ветувања и тешко се извлекуваше од зависностите, носеше една по друга лоши одлуки – вели еден симпатизер на Бајден.
Несреќата во која како мал остана без мајка и сестра, а со брат му Бо одвај извлекоа жива глава, во голема мера го одбележа животот на целото семејство Бајден. Татко му во тоа време беше избран за сенатор на Делавер, па децата растеа без стабилно семејство. Тоа им беше овозможено кога Џо се ожени со Џил, која не беше само маќеа туку им стана и мајка на децата преземајќи ја грижата за нив.
Хантер во 1992 дипломираше историја на Универзитетот „Џорџтаун“, а потоа во 1996 година и право на Универзитетот „Јејл“. Во текот на студиите за да си ги плаќа сметките работел како паркирач на возила на настани и како истоварувач смрзната храна. Својата прва сопруга Кејтлин Бухле ја запознал во црква во 1992 година, а се венчале следната, кога таа била трудна со првата од нивните три ќерки – Наоми, Фајнеган и Мејси.
Сомнителни бизниси
По добивањето адвокатска диплома, Хантер почнал да работи во банка во Делавер и брзо напредувал до потпретседател на банката. Во 2001 година решил да почне да се занимава со лобирање и ја основал компанијата „Олдакер, Бајден и Белер“. Од 2006 до 2009 година бил на висока положба во железничката компанија „Амтрак“, по препорака на близок пријател на татко му, поради што неговите опоненти постојано тврдат дека кариерата успева да ја гради благодарение на таа врска. Воедно се сомневаа дека претседателскиот кандидат не бил свесен за активностите со лобирање на својот син. Џо Бајден сето тоа го негираше и тврдеше дека син му е успешен благодарение на своето образование и способности.
За да го дискредитира Џо, Доналд Трамп на почетокот од кампањата потегна голема хајка против Хантер, дури и вршеше притисок на украинскиот претседател да почне истрага за неговите бизниси со Украина. Сето тоа подоцна беше карактеризирано како теорија на заговор, а притисокот од Трамп на украинскиот претседател како злоупотреба на позицијата претседател со цел лична политичка добивка. Дури и по поразот на изборите Трамп продолжи да изнесува докази за корумпираноста на Хантер.
Бурен приватен живот
И приватниот живот на Хантер беше одбележан со сериозни проблеми со алкохол, дрога, лекувања и постојано враќање на старо, но тоа не ја намали поддршката на Џо за Хантер, па истакнуваше дека е горд на синот.
Документите за развод кои на 23 февруари 2017 година ги поднесе Кејтлин, првата сопруга на Хантер, фрлија голема дамка на неговиот имиџ. Таа го обвини дека тој не трошел пари за легитимни семејни трошоци, туку за лични патувања, хотелски соби, подароци за други жени, алкохол, дрога, проститутки, стриптиз-клубови и други лични задоволства. Уште поголем шок за сите беше кога Бо по смртта зад себе ги остави сопругата Хејли и двете деца, а по два месеца Кејтлин открила дека Хантер е во врска со неа. Кејтлин и Хантер формално се разведоа во 2015 година, а Џо Бајден најави дека поради смртта на синот се откажува од претседателската трка. Врската со вдовицата на брат му, Хантер ја коментираше така што велеше дека тие двајца се пронашле во момент на иста жалост и специфична тага.
И тогаш Џо Бајден им изрази поддршка на синот и „новата“ снаа. А во меѓувреме почнаа да се појавуваат докази против Хантер за алкохолизам и користење дрога. Наводно и од војска бил отпуштен откако на случаен тест се покажало дека е позитивен на кокаин. Хантер се бранел со бизарно тврдење дека случајно внесол дрога пушејќи цигара која ја добил од непознат маж пред бар. Кога заврши на лекување од зависности, Џо Бајден му прати порака: „Добро утро, мој прекрасен сину. Ми недостигаш и те сакам. Тато.“
Бракот на Хантер и Хејли траеше кратко, а пред да се венча со јужноафриканската филмаџика Мелиса Коен во 2018 година по само шест дена познанство и со која во 2020 година доби син, кој беше ѕвезда на инаугурацијата на дедо му, тој доби син и од стриптизерката Лунден Алексис Робертс. Тоа беше докажано со ДНК-тест. Кога новинарот на „Фокс њуз“ го соочи со ова прашање секогаш смирениот Џо Бајден, тој видно вознемирен одговори: „Не, тоа е приватна работа, немам коментар., само вие можете да прашате такво нешто… отмено.“