Тренерот на Баерн, Ханси Флик денес по натпреварот со Волфсбург објави дека сака да ја напушти клупата на баварскиот гигант на крајот од сезоната.
Во јавноста веќе подолго време се шпекулираше дека Флик ќе ја напушти клупата на баварскиот гигант, а сега тој конечно јавно објави дека сака да го раскине договорот на крајот од оваа сезона.
Тој посочи дека по долго и внимателно размислување, ја соопшти својата одлука пред раководството на тимот, а тоа го потврди и денес.
„Сакам да ја прекинам соработката на крајот на сезоната. Тоа е факт и за мене беше многу важно тимот да го слушне тоа од мене“, изјави Ханси Флик.
Тој не сакаше да зборува за причините за одлуката. Тој ги соопшти пред управата на клубот, но се претпоставува дека Флик решил да стане новиот селектор на германската репрезентација.
„Одлуката не беше лесна за мене. Јас сум навивач на овој клуб и ќе бидам вечно благодарен за шансата што ми ја дадоа. Направивме одлична работа во изминатите скоро две години и јас сум импресиониран од квалитетот на тимот“, рече Флик кој исто така соопшти дека сè уште не знае дали ќе биде новиот селектор на Германија и дека за тоа не разговарал со челниците на Федерацијата.
Ханси Флик пристигна на клупата на Баерн на почетокот на ноември 2019 година. Тој го презеде тимот од Нико Ковач и неговиот ангажман се покажа како вистински потег.
Со Баерн, Флик освои апсолутно се што можеше. Тимот играше неверојатен фудбал, а 56-годишниот стручњак ги запиша сите можни трофеи во своето „CV“.
Вкупно, Флик ги предводеше Баварците на 81 натпревар. Дури 67 пати славеше неговиот тим, тој одигра нерешено осум пати и загуби само шест пати.
Треба да се напомене дека Флик во последните месеци беше во жесток конфликт со Хасан Салихамиџиќ. Тој сакаше да биде прашан повеќе за трансферот и клубот не му дозволи да го стори тоа.
На крајот, тој изрази желба да си замине и се чини дека Баерн ќе бара нов тренер за следната сезона.