Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон смета дека шансите за освојување на шампионската титула се мали.

Британецот заостанува 32 бода зад Макс Верстапен од Ред Бул во поредокот на возачи, бидејќи Холанѓанецот триумфираше на четири од последните пет трки.

„За тоа сонувам, кон што се стремам. Јас сум крајно мотивиран. Но, тоа ќе биде исклучително тешко “ , рече Хамилтон на прашањето за борбата за титулата.

„Ред Бул е скоро недостижен, но ние правиме што можеме за да се приближиме. Кога ќе се појави предизвик, јас се соочувам со него. Никогаш не бегав од борба. Кога започна сезоната и кога видовме дека Ред Бул ќе не предизвика, тоа беше возбудливо. Нема да биде крај на светот ако не ја освоиме титулата, но ќе сториме што можеме за да победиме“.

Актуелниот шампион најави подобрувања на болидот пред трката за Големата награда на Велика Британија.

„Има многу промени во болидот, но не станува збор за големи подобрувања. Работевме напорно во изминатите недели, се надевам дека со враќање на патеката што ни одговара, ќе постигнеме подобри резултати и дека борбата со Ред Бул ќе биде понеизвесна “.