Половина од децата кои развиле мултисистемски воспалителен синдром (MIS-C) поради Ковид-19 имаат невролошки проблеми, сугерира новата студија на Американската академија за неврологија.
Истражувачите тестирале деца на кои им бил дијагностициран МИС-Ц, состојба во која се јавува воспаление во различни делови на телото.
Најчестиот симптом било главоболка, но некои деца имале и посериозни несакани ефекти како халуцинации.
Тимот на Американската академија за неврологија вели дека е важно лекарите внимателно да ги следат децата со ковид-19, со цел да утврдат дали се развиваат некои од овие загрижувачки знаци.
Првично се сметало дека МИС-Ц е поврзана со болеста Кавасаки, состојба што предизвикува воспаление на ѕидовите на крвните садови и главно ги погодува децата на возраст под пет години.
Случаите првпат беа пријавени во Велика Британија, Италија и Шпанија во април 2020 година и започнаа да се појавуваат во САД во мај истата година.
Повеќето деца и адолесценти развиваат MИС-Ц помеѓу втората и четвртата недела по инфекцијата со коронавирусот.
Иако не секое дете што ја развило оваа состојба било позитивно на коронавирусот , 98% од нив имаат – затоа лекарите веруваат дека состојбата е поврзана со инфекција со САРС-КоВ-2.
– Откривме дека многу деца имаат невролошки симптоми кои ги вклучуваат и централниот и периферниот нервен систем, се вели во студијата.
Истражувачкиот тим ги прегледал записите за деца под 18-годишна возраст кои биле примени во болницата „Грејт Ормонд“ во Лондон помеѓу 4 април и 1 септември минатата година.
Од третираните деца, со просечна возраст од околу 10 години, 46 развиле МИС-Ц.
Резултатите покажаа дека, иако најчестиот симптом е главоболка, дури 24 деца имале невролошки симптоми кои не се појавиле пред инфекцијата со коронавирусот.
Така, четиринаесет деца имале енцефалопатија, што е штета што влијае на мозокот; шестмина имале промена во гласот или засипнатоста, а шест пријавиле халуцинации. Пет деца имале атаксија или нарушена координација, три имале проблеми со периферниот нервен систем; и едно дете имало напади.
– Потребни се повеќе студии, кои вклучуваат следење на поголем број деца. Ова ќе покаже како оваа состојба се менува со текот на времето и дали има подолгорочни неврокогнитивни ефекти – вели авторот на студијата, д-р Омар Абдел-Манан.
Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани на 73. годишен состанок на Американската академија за неврологија, што ќе се одржи помеѓу 17 и 22 април 2021 година.