Периодот до самитот на ЕУ во декември е прекраток за решение меѓу С. Македонија и Бугарија, смета претседавачот на Советот на амбасадори, Мухамет Халили. Според него, посветеноста на САД и некои земји од ЕУ може да влијае на одржувањето на првата меѓувладина конференција, но евентуално на почетокот на следната година, јавува Алсат М.

„Не сум оптимист дека тоа ќе се случи на 14 декември поради периодот на конституирање на евентуалната нова Влада. Може и да пропадне, но сепак, има позитивни движења и тоа ќе донесе почеток на преговорите по јануари.“

Според Халили, победниците на парламентарните избори кои се очекува да ја формираат следната бугарска влада навистина ги менуваат ставовите на нивните претходници. Халили оценува дека партиите не треба да се фокусираат само на историските прашања меѓу двата народа, туку на односите меѓу двете држави. Бугарските барања кон официјално Скопје, екс-амбасадорот ги смета за остри.

„Во моментов тие барања се многу сурови. Има некои од нив за кои мислам дека вака претставени во моментов се неостварливи. Ова има врска со јазикот и со идентитетот на Македонците. Но, политичките партии во Бугарија и бугарската влада мора да бидат свесни дека не е македонскиот народ тој што влегува во ЕУ, туку државата Македонија.“

Халили, апелира Бугарија да не продолжува да го злоупотребува правото на вето врз С. Македонија.