Угледниот „Гардијан“ пишиува дека хакерски тим кој работел под кодното име „Хорхе“, а предводен од екс оперативец на израелзки специјални сили Тал Ханан, влијаел врз избори во 30 земји, пренесува „Либертас“.

Тој и неговиот тим, кои го користеа кодното име „Тим Хорхе“, беа откриени преку тајни снимки и документи до кои „Гардијан“ имал пристап.

Тој рече дека услугите на неговиот тим, опишани од други како „црни операции“, се користени низ Африка, Јужна и Централна Америка, САД и Европа.

Во конзорциумот новинари што го истражуваше случајот „Тимот Хорхе“ членуваат новинари од 30 медиуми, меѓу кои францускиот „Монд“, германскиот „Шпигел“ и шпанскиот „Паис“.

Како се прават лаги 

Во моментот кога не знаеја дека спроти нив седат новинари, Ханан и неговите соработници покажаа како ги хакираат сметките на мејл и Телеграм на еден кениски политичар и во негово име испраќаат пораки. Тоа беше непосредно пред изборите во Кенија минатиот август.

Демонстрираа и како функционира нивната платформа која за неколку секунди создава лажни луѓе- односно профили на социјалните мрежи. Овие „личности“ користат слики од вистински луѓе, имаат сопствена електронска пошта, телефонски број, дури и можност да платат за некои услуги со биткоини. По желба можат да се активираат и да шират секакви вести.

Како што тврди Ханан – а тоа не може да се провери – тие учествувале во 33 претседателски кампањи од кои нивните клиенти биле успешни во 27 кампањи.

Ханан наречен Хорхе тврдеше дека биле присутни во Босна и Херцеговина, Грција, Украина, Индонезија, Емирати, Кенија, Мозамбик…

Новинарскиот тим дојде до мејлови кои ја докажуваат комуникацијата меѓу Ханан и шефот на озлогласената Кембриџ Аналитика, која користеше податоци од социјалните мрежи за да влијае на изборите во САД и референдумот за Брегзит.

Според неделникот Цајт, лажните профили со кои управува „Тим Хорхе“ се наменети за поддршка или предизвикување на разни работи во светот. На пример, тие се залагаат за продолжување на работата на нуклеарна централа во Калифорнија или против снабдувач на луксузни јахти.

На новинарите кои се претставувале како клиенти, Израелците им кажале дека хакирањето на едно лице чини 50.000 долари и дека за шест милиони долари може да предизвикаат настан кој би ги одложил изборите во една африканска земја. Тие наводно работат со ангажирање поранешни разузнавачи и луѓе со искуство во различни земји.

Несвесен дека го снимаат, Ханан во еден момент вели дека има само три работи што не сака или не смее да ги прави – да се меша во американската политика, да прави нешто во Израел или да направи нешто против рускиот претседател Владимир Путин.