Вчеравечер на кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и на домашните банки, потврдија од Народната банката.
Ова било поради хакерски напад или т.н. ДДоС напад, но, како што уверуваат од Народната банка, проблемите биле надминати во најкус рок, а безбедноста односно доверливоста и интегритетот на податоците во ниту еден момент не биле доведени во прашање.
-ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот ниту, пак, се менува содржината на веб-страницата, објаснуваат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека заедно со домашните банки ги следат глобалните трендови и постојано ја зајакнуваат отпорноста и заштита на информативните системи од заканите во дигиталниот простор.
Во неделата од твитер-профилот на хакерите со име „Моќна грчка армија“ (Powerful Greek Army) беше најавено дека наскоро ќе има хакерски напад на сите банки во Северна Македонија.