Хакерска група успеа да ја преземе контролата врз безбедносните камери во болниците, училиштата, компаниите и затворите низ Соединетите држави откако тие влегоа во системот на американската компанија Веркада, пренесува АП.

Агенцијата наведува дека калифорниската компанија Веркада го потврдила нападот во средата и објавила дека истражува степенот на оваа злоупотреба и дека ја известила полицијата и нејзините корисници.

– Advertisement –

Швајцарскиот хакер Тил Котман, член на групата која себеси се нарекува „АПТ-69420 Арсон кетс“, во интервју за АП потврдил дека мала група хакери, со хомосексуална ориентација, зад која не стои ниту една земја, е одговорна за овој напад. Како што рекол, нивните цели се желба за забава, слобода на сексуална ориентација, подобар свет.

Тој за агенцијата изјави дека хакерите добиле пристап до безбедносните системи благодарение на фактот дека групата користела супер администраторска сметка за Веркада, а од оваа компанија рекоа дека во моментов ги блокираат сите сметки на внатрешните администратори со цел да спречат нов неовластен пристап.

АП пренесува дека хакерите биле во можност да следат десетици илјади камери во живо два дена, вклучително и многу чувствителни локации, како што се болници и училишта, а Котман изјавил дека со овој потег, хакерите сакале да привлечат внимание на опасностите од масовниот надзор.

Некои од погодените институции се основното училиште Сенди Хук во Њутаун, Конектикат, каде 26 ученици и шест наставници беа убиени во еден од најсмртоносните терористички напади во историјата на САД во 2012 година, како и објектите на Тесла и затворот во округот Медисон, Алабама, наведува АП.