„Понекогаш со помошта на дипломатски ракавици, понекогаш без, понекогаш меѓу редовите, понекогаш во самите наслови, Бугарија бавно ја објаснува својата цел „ослободувањето“ на Северна Македонија од југословенското или српското влијание (како што се вели, не правете грешки). Некој веќе го разбрал тоа, други допрва ќе го разберат.
Денеска Србија е многу послаба од Бугарија во воена и економска смисла, но исто така и во однос на својата положба на меѓународната сцена. Токму заради тоа на прима виста изненадува фактот, како за една земја членка на НАТО и ЕУ како Бугарија е толку тешко да го ослаби српското влијание врз земја како Северна Македонија, во којашто сите историски личности на мнозинскиот дел од населението имаат многу заедничко со бугарската историја“, пишува во својата анализа Фејзи Хајдари, сопственик на новинарскиот портал „Лајм прес“.
Предноста на Србија во РС Македонија е силната „инфраструктура“ којашто ја инсталирала, во политичките и економските кругови. Тоа е „инфраструктура“ којашто може да се „храни“ и да функционира независно, во моменти кога Центарот (Белград) е зафатен со други проблеми.
Организацијата на таа „инфраструктура“ создава фалсификувана слика за тоа дека просрпското југословенство е автохтона локална идеологија, а не спротивното.
Другата предност на Србија е можеби најважната, а имено, човековите ресурси, наследени од времето на Југославија и дури од времето на Кралска Југославија. Многу соработници се остарени и веќе се пензионери, многу од нив се веќе починати, но нивните места се заземаат од нивните синови и ќерки. Сега е редот на нивни внуци. Тие се подготвени да напредуваат насекаде, каде што биле нивните татковци и дедовци.
Кога ќе стане збор за патриотизам, но само на зборови, никако на дело, тие се први. Стане ли збор за мулти-културализам, ќе ги најдете и таму. Тие се навлезени во сите клетки на општеството, бидејќи нивниот пат е отворен и подготвен од службата на којашто служеле нивните предци. Можете да откриете дека тие ги заземаат директорските места, местата на замениците директори, замениците министри, па дури и министерските функции. Тие не прават ништо, треба само да ја држат „линијата“ на своите предци и нивниот успех е загарантиран.
Но времињата малку се променија. И покрај предностите што ги има Србија во Македонија, овој пат Бугарија изгледа одлучна. Таа не планира да ја олабави својата позиција и го покажува тоа отворено и недвосмислено.
Во историски план Србија никогаш немала нешто заедничко со Македонија (освен како агресор), така што дури и денес таа нема што да бара овде.
Каде сме ние Албанците во целата таа приказна?
За жал, како што било многу пати низ историјата, ние сме таму каде што непријателот сака да не види. Ние Албанците од Северна Македонија, најголемите жртви на србоманството и југословенството, не сме го положиле испитот во нашата мисија за искоренување на српското влијание. Во суштина ние често сме најсилното оружје на просрпската политика, натерувајќи ги дури неутралните македонски политичари да го „прегрнат“ Белград,
Официјална Тирана не ништо подобра. Не само рамо до рамо, туку и со заедничка позиција за препородбата на модифицираната Југославија под форматот „мини Шенген“. Наместо да го поддржи Коридорот 8, којшто носи со себе големи економски и геостратешки бенефити за Албанија, Тирана го фаворизира Коридорот 10 (Белград-Атина), којшто ја остава Албанија во периферијата и го промовира Белград како главен град на земјите од Западен Балкан.
Светлина во крајот на тунелот е победата на Албин Курти во Косово, којашто ги зајакнува „проалбанските сили во албанската политика“ (малку чудна фраза, на прв поглед, но ако се анализира малку попродлабочено, суштината се разбира).
Ако таа победа успее да повлијае и во други албански реони, тогаш нема сомнеж дека Албанците ќе го искористат историскиот момент за конечно ослободување од руско-српското влијание, нешто што ќе донесе со себе позитивна перспектива.