Али Ахмети да оди во Софија за да разбере дека интересите на Албанците не се поврзани само за оската Београд-Атина, туку се многу пошироки, вели издавачот на весникот Лајм од Скопје, Фејзи Хајдари, во интервју за бугарската агенција, БГНЕС.
Хајдари вели дека не е против добрите односи со Грција и Србија, туку смета дека Ахмети треба да го следи примерот на Арбен Џафери и да воспостави добри односи и со бугарските власти.
„Ахмети нека ја прочита реалната историја, а не историјата што му ја сервираат некои лажни историчари, кои секој ден го посетуваат во неговиот партиски штаб, и ќе се увери дека добрите односи со Софија, апсолутно не ги нарушуваат интересите на Албанците во РСМ, ниту во Балканот“, истакнува Хајдари.
Тој смета дека Ахмети подолго време е опкружен со соработници, кои го оддалечуваат од политичката, економската и геостратешката реалност.
„Токму тие соработници на Ахмети, му оневозможуваат да го види реалниот интерес не само на граѓаните Албанци, туку и интересот на Северна Македонија. Не му доликува еден лидер на албанска партија во влада да ќути, додека земјата со едни соседи гради конкретни суштински односи, додека со други само декларативни добри односи“, истакнува Хајдари.
Според него, жално е што во време кога Бугарија се обидува да го ограничи српското влијание во Северна Македонија, Албанците да немаат здрави политички структури, кои можат да го поддржат овој процес.
„Напротив, политиката на Албанците во РСМ некогаш повеќе од македонските политички сили се по просрпски ориентирани и му служат на интересот на Србија во Северна Македонија. Убеден сум дека треба да биде спротивно“, уверува Хајдари.
Издавачот на Лајм се соменева дека има министри на ДУИ во владата на Заев ги протежираат интересите на Србија во земјата спречувајќи ја изградбата на Коридорот 8.
„Токму овие министри на ДУИ менаџираат министерства кои не се во можност или можеби не сакаат да го градат автопатот Скопје-Приштина долг само 12 километри, до границата со Косово. Се прашувам на кого му служи ова, во чија корист оди ова, ако не на Србија“, констатира Хајдари.