Поголемата вклученост на жените носи бројни придобивки за целото општество, односно тоа може да придонесе за поголем економски раст од околу 10%, во просек, во развиените економии, а во помалку развиените економии дури и повеќе, до 30%, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју во рамките на проектот на Институтот за лидерство и јавни политики „Зголемување на учеството на жената во политиката во Северна Македонија”, поддржан од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје.
– Носителите на политиките треба да ги охрабруваат и да ги поттикнуваат жените за поголема вклученост во општеството, преку преземање бројни мерки и активности, и тоа не само од аспект на принципот на праведност и еднаква вклученост на жените. Од друга страна, жените треба да веруваат во себе, во своите способности, а таа верба треба да се темели на цврсти основи, односно постојано вложување во сопственото образование, во сопствените вештини ‒ истакнува гувернерката на Народната банка.
Таа посочува дека јазот помеѓу мажите и жените е особено изразен кога станува збор за застапеноста на раководни позиции, што не е карактеристично само за нашата економија, туку е глобален феномен.
Како жена која е на лидерска позиција, Ангеловска-Бежоска вели дека е горда и благодарна што имала можност да биде дел од успешни и професионални тимови, коишто биле носители на бројни реформи во нашето општество. Како пример ја истакнува големата реформа на системот на јавните финансии, на почетокот на формирањето на пазарната економија кај нас ‒ систем којшто бил посочуван како еден од најдобрите примери во регионот.
– Исто така, задоволство ми е што сум била дел од тимови и сум раководела со тимови коишто морале да се справуваат со големи економски шокови. Тековната глобална криза нѐ погоди и нас, како мала економија. Благодарение на брзата и силна реакција на нашата централна банка, во голема мера се ублажија последиците врз нашата економија, што е јасно видливо преку постојаната кредитна поддршка којашто банкарскиот систем и натаму ја обезбедува за граѓаните и за компаниите, помагајќи им во пребродувањето на оваа економска криза. Но, она што е можеби уште позначајно е дека оваа солидна кредитна поддршка се обезбедува во услови на постојан пад на каматните стапки, коишто всушност достигнаа историски најниски нивоа ‒ вели гувернерката на Народната банка.