Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, изјави дека оваа војна сè уште останува „дамка на колективната совест“ и повторно повика на итен прекин на огнот.

Во обраќањето на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) по повод четвртата годишнина од руската инвазија, Гутереш ги пофали напорите на Соединетите Американски Држави и другите земји во обидот да се стави крај на војната, но нагласи дека се потребни конкретни мерки за намалување на ескалацијата и создавање простор за дипломатија, објави Ројтерс.

Генералниот секретар предупреди дека борбите директно го загрозуваат безбедното и сигурно работење на нуклеарните постројки на Украина, додавајќи дека „оваа бескрупулозна игра на нуклеарен рулет мора веднаш да престане“.

Гутереш ги повика членките на ОН целосно да ја финансираат хуманитарната помош и нагласи дека секое решение за војната мора да го почитува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници.

Според неговите податоци, повеќе од 15.000 цивили загинале во Украина од почетокот на војната, додека повеќе од 41.000 се повредени, додека меѓу загинатите и повредените има 3.200 деца.

Текстот Гутереш: Војната во Украина останува дамка на колективната совест е превземен од МАКФАКС.