Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го повтори апелот за прекин на конфликтот и продолжување на преговорите, како и за непречен пристап до хуманитарна помош во војната во Украина, која започна пред 100 дена.
„Го повторувам мојот повик за итен прекин на насилството, за непречен пристап до хуманитарна помош за сите на кои им е потребна, за безбедна евакуација на цивилите заробени во борбените области и за итна заштита на населението и почитување на човековите права во согласност со меѓународните норми“, порача Гутереш.
Како што пренесе Си-Ен-Ен, тој нагласи дека овој дека конфликт однесе илјадници животи и поради него се раселени милиони луѓе, а дека војната „резултираше со неприфатливо кршење на човековите права и поттикна тродимензионална глобална криза во храна, енергија и финансии, што најмногу ги погоди ранливите луѓе, земји и економии.
Гутереш, исто така, рече дека ОН се „посветени на хуманитарните напори“ и дека на крајот ќе бидат неопходни преговори и дијалог за решавање на конфликтот.
„Колку побрзо страните се вклучат во дипломатски напори и добра волја да се стави крај на оваа војна, толку подобро за Украина, Русија и светот“, истакна генералниот секретар на ОН.