Свежите билки не само што ги ароматизираат јадењата, ги будат сетилата, туку се и многу здрави. Но, иако ова сте го слушале безброј пати, сè уште не знаете кои зачини најдобро се комбинираат со одредени производи и јадења. Еве еден мал водич за најчестите зачини со кои можете да се сретнете и како да ги користите во кујната

Миризливите свежи зачини имаат способност на јадењето да му дадат нова димензија, бидејќи ќе го „оживеат“ со својата свежина и арома. Лесно се одгледуваат и за нив не ви треба градина, бидејќи можете да ги одгледате дома покрај прозорец, а постојат неколку зачини што мора да се најдат во сечиј дом.

Тврдите дрвенести зачини како рузмаринот и жалфијата се малку потврди и пожилави, а вкусот им е силен и не се препорачува да се јадат сурови. Тие обично се додаваат само како додаток во јадењата при нивно приготвување. Нежните меки зачини како босилек и нане не се толку силни, па можете да ги користите во свежа состојба, како украс на јадењата и во салатите, но и да ги додадете во варената храна.

Босилекот е мала зелена грмушка, растение за кое се вели дека ги одбива комарците, но не верувајте во тоа бидејќи и во него можете да ги најдете овие летечки напасници. Босилекот е основна состојка на еден од најпопуларните италијански ладни сосови, песто џеновезе, а неговиот ароматичен освежителен мирис, ретко кој не го сака. Тој е неизоставен дел од салатата капрезе, што значи дека е неодолив во комбинација со зрели домати и кремаста моцарела. Одлично се сложува со зеленчукот како тиквички, домати и пиперки, но и со морски плодови и јагоди. Не заборавајте да го додадете во сос од домати, бидејќи вкусот ќе биде незаменлив.

Ориганото е мек зачин што се однесува како тврдите. Бидејќи има силен вкус, одлично оди со црвено месо, лесно варен зеленчук, јадења со тесто и секако пица.

Мајоранот по изглед е многу сличен на ориганото и не е чудно што многумина ги мешаат. Но се разликуваат по вкус и арома, мајоранот е слаткаст, малку со лимонест мирис и има слатко – горчлив вкус, додека ориганото е многу поинтензивно. Одлично оди во комбинација со пилешко, коренест зеленчук, но и свинско.

Нането е многу издржлива билка, која може да преживее и на летните горештини, но и на зимски студ. Свежите ливчиња нане се одличен додаток на овошните салати и секако на коктелите, како мохито. Нането совршено ќе се спои со јагнешко и јунешко, а на грашокот ќе му даде сосема нова димензија. Кремастата супа од грашок со нане е јадење во кое ќе се вљубите само што ќе го пробате.

Рузмаринот како и мајчината душичка спаѓа во тврди зачини, но неговите листови се вадат од стебленцето и се користат во јадењата што подолго се готват. Обично се користи со печено месо, но одлично се сложува и со печени компири. Неизоставен дел е на фокачата, фина италијанска погача со маслиново масло, а се користи и во сосови со црвено месо, како и риба на скара.

Мајчината душичка има тенки гранчиња и ситни миризливи листови. Како и рузмаринот таа е популарен зачин за подготовка на бројни сосови, а одличен додаток е на печено месо и зеленчук, па и во разни варива. Совршено се сложува со јадења во кои има сирење, но бидејќи има прилично силен мирис, не претерувајте со количината.

Жалфијата е уште еден тврд зачин што може да ги преживее сите временски околности, а многу е ароматична. Добро се комбинира со свинско, а неколку листови жалфија препржени на путер ќе бидат совршен додаток во тестенини и њоки.