Еден гулаб кој во Австралија бил прогласен за опасност по јавното здравје, спасен е од смрт откако Американската организација за птици портврдила дека не долетал од САД, како што првично се тврдело.

Имено лентата за идентификација околу ногата на гулабот покажувала дека птицата најдена во еден двор во Мелбурн на 26 декември минатата година е натпреварувачки гулаб-поштар кој пред два месеца полетал од Американската држава Орегон, оддалечена 13.000 километри.

Врз основа на тоа Австралиските власти минатата недела изјавиле дека птицата е можен преносител на болести и треба да се еутаназира.

Но, по реакција на здружението за заштита на птици „Пиџон рескју“ било докажано дека лентата му припаѓа на друг син гулаб од САД, кој е сосема различен од оној во Австралија, а исчезнал лани во октомври во тек на трката „Крукед ривер челинџ“ од 560 километри во Орегон.

Покрај тоа гулабот со лажен идентитет во Австралија, воопшто не бил натпреварувач во било каков натпревар. Но, како кај него завршила алката за идентификација сè уште не е разјаснето.