Кривичниот суд за предметот „Плацеви на Водно“, на екс премиерот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, му изрече казна затвор во траење од 7 години. За останатите обвинети во случајот изречени се следниве пресуди:

Сашо Мијалков – Затворска казна од 1 година и 3 месеци

Ристо Новачевски – Условна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во време од 5 години не изврши ново кривично дело.

Ненад Јосифовиќ – Условна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во време од 5 години не изврши ново кривично дело

Јордан (Орце) Камчев – 1 година затворска казна

Во случајот, Груевски со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал имот. Обвинението опфаќа плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево. Во шемата на купување имот, според обвинителството, се вклучени и офшор фирми односно била искористена компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах Инженеринг“, за чиј управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски. Новачевски, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево.

Бизнисменот Камчев, исто така е вклучен во понатамошното препродавање на атрактивните парцели на Водно.