Никола Груевски, вечерва, по денешното судење за “Плацевите на Водно”, повторно се огласи преку фејсбук статус од Будимпешта.
Тој, како многу пати до сега, обвинува дека станува збор за политички монтиран процес.
-Денес прва сведочела поранешната сопственичка на станот бр.16 во зградата каде живеев – Бисерка Јовковска Ќаева, за кој стан не знам зошто воопшто се води постапка против мене, бидејќи покрај другото самиот сведок на обвинителството Александар Ивановски, уште пред една година давајќи изјава во обвинителството, исто како и за земјиштето од 2.700 метри квадратни на Водно, самиот кажал дека ги купил со сопствени пари дадени како позајмица на фирма регистрирана на име на неговата секретарка Татјана Стојановска.
Тој додал дека никогаш никој не му дал пари за нив, иако наводно наведува трето лице кое му рекло дека јас сум сакал да ги купам, и дека понатаму ќе се средело за плаќање и преземање, но не се средило ништо, па станот и земјата, според самиот Ивановски, си останале де факто негова сопственост, а де јуре сопстевност на неговата секретарка, пишува Груевски.
Тој додава дека оттука не разбира за што го гони обвинителството. Повторно обвинува и дека сведоците биле под притисок.
Груевски прави анализа и на сведочењето на Татјана Стојановска, секретарката на Алек Теранова, која сведочеше дека на хартија имала два стана во зградата на Бихачка, еден на нејзино име, еден на фирмата во која била управител, но како што рече, тие реално биле на Груевски.
-Таа прераскажала дека нејзин единствен извор на информации бил нејзиниот претпоставен кому му била секретарка и доверлива личност, Александар Ивановски. Ако и кажел тој дека земјиштето е за “Горан, брат му на Зоран” таа веројатно денес ќе го раскажеше тоа.
Таа кажала дека Александар Ивановски побарал од неа да во различни наврати, да купи едно земјиште и два стана на нејзино име. И рекол дека сите три се за Груевски, односно дека јас сакам да ги купам, ама не сум сакал на мое име.
Значи од толку многу познати и пријатели, сум одбрал да купам имот на име на личност која никогаш до ден денешен не сум ја видел или чул по телефон, а во тоа време, до 2009 година не го познавав ни нејзиниот претпоставен Александар Ивановски, кој патем во неговата изјава во обвинителството кажал и кога подоцна сме се запознале за негови службени цели и сме се сретнале два или три пати во животот и една случајна средба, никогаш не сум го прашал за тој имот, ниту тој мене ме прашал. Многу нелогично, пишува Груевски.
Во статусот, тој повторно прави притисок врз сведоците.
-Впрочем, во оваа постапка, во недостаток на докази, главните сведоци на обвинителката се лица против која истата води други судски постапки, како на пример Мартин Протогер, Миле Јанакиески, Александар Ивановски, а повикуван во обвинителството за други предмети уште од поодамна како што и самиот кажа бил и Владимир Чинговски, како и Александар Јанакиески…, пишува Груевски.
Тој додава и дека ја барал Стојановска од Будимпешта за да и плаќа кирија за двата стана, бидејќи поминале 5-те години во кои наместо кирија се сметала сумата која ја потрошил на реновирање.
-Јас иако не ја познавам лично, неможејќи да стапам во контакт со Александар Ивановски, успеав некако да ја најдам нејзината адреса пред 9-10 месеци и испратив преку ДХЛ писмо со кое побарав да ми ја достави нејзината банкарска сметка која не е вметната во договорот за закуп, за да започнам со исплатите на месечната закупнина.
Со обѕир дека пратките на ДХЛ можат да се следат преку интернет дали се примени, знам дека е примена. Со обѕир дека ја примила, консултирајќи се со искусни лица во правото, таа веројатно била задолжена истата да ја даде на обвинителството, па ако судот сака да ја утврди вистината, може да го провери тоа со обвинителството. Како и да е, немаше никаков одговор на тоа мое барање од г-ѓата Татјана Стојановска, иако во писмото имаше прецизни адреси каде може да ја достави нејзината банкарска сметка, вели Груевски, објавувајќи го писмото наводно испратено на 29 јануари годинава.