Денес имаше нови сведочења и нови партиски мотивирани интерпретации на провладините медиуми, делумно и вадења од контекст, со наслови како да ги добиле од штабот на СДСМ.
Јасно е дека власта и обвинителството, она што не го добиле во судницата или не го обезбедиле како доказ, се обидуваат да го добијат како перцепција кај граѓаните, со помош на повеќе партиски диригирани медиуми, кои селективно пренесуваат, вадат од контекст, особено наслови, и прават сѐ да се создаде перцепција за нешто што не е така или не е кажано или докажано во судницата. Некои тоа го нарекуваат и медиумски линч“.
Вака поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук ги коментира денешните сведочења на судското рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ и извештаите во медиумите.
„Обвинителството нема апсолутно никаков доказ дека јас сум купил а подоцна и продал земјишта и сум купил станови за кои всушност постои писмен доказ дека се изнајмени. Ниту пак може да има доказ, бидејки такво нешто не се случило. Во една таква ситуација тие се обидуваат да дејствуваат со сведоци врз кои имаат начин како да извршат притисок и уцена за да го кажат она што ним, на ова партиско контролирано обвинителство им е потребно“, пишува Груевски и додава дека „ и тие луѓе се дел од политичкиот прогон на власта кон минатата власт, и тие се жртви на прогонот, и дека случаите за кои ги осомничуваат или теретат, или дури ги осудиле, се политички договорени и конструирани и немаат врска со реалноста“.
Во врска со сведочењето на Мартин Протогер, неговиот поранешен шеф на кабинет, член на ИК на партијата и еден период и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, меѓу другото, вели: „ Оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10.000и метри квадратни не само што е неточна, туку ценам дека е дел од притисокот и уцената кој врз него систематски се прави од страна на партиски контролираното обвинителство“.
„Во изминатите една година читав многи шпекулации низ медиумите и слушав од некои поединци околу тоа како тој панично се обидувал да се спаси од прогонот, умилкувајки се на Заев и на обвинителството и покренувајки различни и прилично недостоинствени иницијативи, со кои на моја лична штета, неоправдано и нечесно, тој би сакал да добие поповолна позиција кај нашите заеднички политички прогонувачи, а и дека се обидувал и други да навлече на тој пат. Ако е тоа точно, а повеќе непотврдени различни извори говорат за тоа, тогаш тоа е поразително за него како личност и би ми било многу жал што еден мој соработник за кој имав многу подобро мислење, спаднал на такви ниски гранки“.
Сведочењето на Гордана Јанкуловска Груевски го оцени како „сосема коректно“, бидејќи укажала дека тој никогаш не земал или побарал пари од партиската каса, во тие години кога таа е генерален секретар, од есента 2004 до средината на 2006 година.
„Тие мислат дека ако мене ме дискредитираат, народот повеќе ќе им верува и ќе ги подржува, што нема да се случи. Тие се една неспособна за работа криминална банда, која како никој досега во крајна мера ја злоупотребува политичката моќ која произлегува од власта и врши политички прогон, а истовремено прави огромен криминал на секој чекор, во секој миг и во несогледливи размери. Затоа и пропаѓаат. Поради неискреноста, предавствата на националните интереси, криминалот, корупцијата, неработењето и лажењето“, пишува Груевски.